Состојки:
за ќофтињата:
 	1 кг мешано мелено месо (говетско и свинско)
 	100 гр сварен ориз
 	1 поголем кромид, ситно сецкан
 	2 јајца
 	7 лажици презла
 	1 лажица мешан сув зачин
 	сол и бибер
 	малку мелена црвена пиперка
 	масло за пржење на ќофтињата
за прилог:
200 гр сварен ориз
за сос:
 	1 кромид, ситно сецкан
 	700 гр сварен сос од домати
	2-3 чешниња лук, ситно сецкани
 	мешан сув зачин
 	сол и бибер
 	магдонос, ситно сецкан
 	3 кругови кромид
 	3-4 кругови свеж домат
 	1 сува пиперка (по желба)
Подготовка:
Прво подгответе го оризот за прилог:
– На малку масло пропржете 200 гр измиен ориз додека зрнета не ја променат бојата. Потоа сипете околу 1 л врела вода и на тивко сварете го оризот. Кога ќе биде сварен ставете го во цедалка и поминете го под млаз студена вода за да се двојат зрната. Исцедениот ориз посолете го и ставете и малку бибер и мелен сув зачин.
– 1/3 од сварениот ориз ставете го во смесата за ќофтиња, а остатокот оставете го за прилог.
Сега подгответе ја смесата за ќофтиња:
– Во еден сад ставете го меленото месо, сецканиот кромид, јајцата, презлата, оризот, мешаниот сув зачин, биберот и солта и малку мелена црвена пиперка. Сите состојки убаво измешајте ги со рака за да се соединат.
– Од подготвената смеса со намастени раце обликувајте ќофтенциња. Треба да добиете 15-20 мали ќофтиња. Испржете ги во тава на малку масло.
Подготовка на сосот:
– Во тава испржете го сецканиот кромид и додадете го сосот од домати, сецканиот лук, малку мелен сув зачин и ситно сецкан магдонос. Варете го сосот 4-5 минути. На крај во сосот додадете сол и бибер по вкус (може и малку шеќер во зависност од киселоста на доматите).
– Земете земјана тава во која ќе го печете ова јадење во рерна и премачкајте ја со путер.
– На средина ставете го варениот ориз кој го оставивте за прилог, а одоколу наредете ги пржените ќофтиња.
– Врз оризот ставете 2-3 кругови (или полукругови) кромид, а најодозгора кругови свежи домати. Додадете сол и бибер и сецкан магдонос.
– Со сосот прелијте ги ќофтињата,а ставете и малку над оризот.
– Вака подготвената тава ставете ја да се пече во загреана рерна околу 40 минути на 180 целзиусови степени.
 
				



