
Турската кујна спаѓа меѓу 10 најатрактивни светски кујни. Дамнешниот номадски живот, просторот со различната флора и фауна, кои минува низ седум географски зони, и наследството на богатата царска кујна се трите темелни елементи кои влијаат врз гастрономската умешност.
Основа на турската кујна се смета тестото од пченично брашно за неизбежниот бел леб (екмек), пиде (лепињи), симит, манти (тесто) и јуфка (лиснато тесто).
Покрај лебот значајно место во турската кујна зазема пилавот од ориз. Се подготвува во многу варијанти, се служи топол или ладен, а може да биде и додаток на месото, а и главно јадење.
Месото по правило се користи во помали количини. Со името кебап се нарекуваат сите јадења од месо, а за Турција е карактеристичен како и бурекот. Меѓу попознатите се шиш кебапот и донер кебапот. Карактери-стичниот вкус потекнува од квалитетното јагнешко и телешко месо и природните услови во кои се одгледуваат.
Зеленчукот се подготвува на тој начин што на тивок оган се вари во сопствениот сок, при што му се додаваат домати и лук и растително масло за јадење или путер. Најразлични зеленчуци се печат на маслиново масло и се служат како додаток на главното јадење. Кога станува збор за зеленчукот модриот патлиџан има водечка улога во турската кујна. Долма е заедничко име за полнетиот зеленчук. Главно се подготвуваат две врсти на долми. Долмите полнети со ориз се приготвуваат со маслиново масло и се јадат ладни, а долмите полнети со месо се главно јадење и се јадат најчесто со јогурт. Сите видови на зеленчук кои може да се полнат, или да се виткаат во листови се користат за подготовка на долми. Пиперката полнета со ориз се смета за кралица на долмите.
Турција е земја со 4 мориња, а луѓето кои живеат таму мајстор-ски знаат да ја подготвуваат ри-бата и морските плодови. Најпозната турска риба е црноморската сардела хамси. Рибата се служи со сезонски зеленчук и салати.
Турската кујна претставува вистинско богатство од десерти. Најпознати се локумот и баклавата. Мухалебите исто така спаѓаат во омилените тур-ски десерти. Тоа се разни пудинзи од скробно брашно или ориз ароматизирани со лимон или портокал. Секако не смееме да ја заборавиме ниту алвата. Слатките со тенки кори кои спаѓаат во редот на баклавите се посебно обележје на турската кујна. Сепак најомилен турски десерт е свежото овошје. Земјата која во текот на годината има 300 сончеви денови изобилова со најразлични видови на овошје и обично има две до три берби.
Можеби за многумина ќе биде разочарување но турското кафе не е јако туку густо и се пие во мали голтки, а најчесто се користи како повод за муабет. Традиционален турски пијалок е црниот чај, кој се пие во секое време и со кој му се искажува добредојде на гостинот. Во текот на жешките летни денови Турците уживаат во ајранот, вид на посолен јогурт разреден со вода, кој делува освежувачки и го регулира крвниот притисок.
Од алкохолните пијалоци Турците се посебно горди на својата.
,, Јени раки,, која ја нарекуваат млеко од лав, бидејќи како и кај нашата мастика со додавањето на вода добива бела боја.
Зачините во турската кујна се користат во многу мали количини, бидејќи се смета дека тие не треба да го ,,убијат,, мирисот на главното јадење. Најчесто се користат копарот, магдоносот, кимот и лукот. За десертите не се користи никаков зачин за да дојде до полн израз аромата на природното овошје.
Конзумирањето храна во Турција, како и многу други работи претставува уживање. Се смета дека три пати во денот треба да се јаде и тоа седејќи никако набрзина или од нога и никако сам. Менито се состои од три или повеќе јадења кои се служат во низа. Добро е да се знае дека поговорката ,, не е важно што, важно е да може да се јаде нема место во турската кујна,,. Покрај податоците за турската кујна добро е да знаете дека ценкањето во Турција претставува национален спорт, а русокосите жени слабост. Комплиментот ќе биде упатен до мажот бидејќи според Турците тој е среќен човек.