Цезар салата на мој начин

Секој има свој начин на правење на популарната сала цезар. Во принцип, состојките се слични, секогаш има листови марула, домати, пилешко месо или сланина, пармезан или друг вид кашкавал, пченка, брускети или потпечени лепчиња….

Цезар салатата што ви ја предлагаме, место пармезан има козји кашкавал и место готови брускети или, пак, не дај боже „кубети“ има домашни печени лепчиња. Пробајте, јадете, уживајте.

Состојки:

  • една марула
  • 2 домата
  • пченка
  • едно маринирано пилешко бело месо
  • 3 парчиња сланина
  • неколку печени лепчиња исечкани на коцки
  • сол, маслиново масло, малку мајонез и павлака
  • 200 грама козји кашкавал

Подготовка:

Откако убаво ќе ја измиете марулата, исечкајте ја на парчиња. Потоа додајте ги доматите, исто така, исечкани на поситни парчиња, потоа додајте ја пченката. На малку масло за јадење запржете ја сланината, откако прво ќе ја исечкате на помали парчиња. Додајте ја во салатата. Во истата тава испржете го и маринираното пилешко бело месо, откако и тоа ќе го исечкате на поситни парчиња. Сето тоа додајте го во салатата. Зачинете со сол и со маслиново масло. Настрана, направете го сосот од малку мајонез и павлака и истурете го и измешајте ја салатата. На крај додајте испечени лепчиња. Сигурно дома ви се наоѓа стар леб. Исечете го на парчиња и наредете го во една тава. Посипете ги лепчињата со маслиново масло и со зачини, кои најчесто ги користите, и ставете ги да се печат во загреана рерна пет-шест минути. Кога ќе бидат готови, само исечкајте ги или искршете на парчиња и додајте ги во салатата. На крај изрендајте козји кашкавал. На здравје, уживајте!

Мени