Пилешко во слатко-кисел сос

Експериментирањето во кујната носи посебни доживувања и многу забава. Одвреме-навреме заборавете на традиционалните јадења и испробајте нов микс на вкусови.

Ви недостига идеја? Еве како да направите пилешко во слатко-кисел сос:

СОСТОЈКИ ЗА МЕСОТО
400 грама пилешко бело месо (филе)
4 големи лажици брашно
4 големи лажици пченкарно нишесте
½ мала лажица пециво
100 милилитри вода
масло

ПОДГОТОВКА НА МЕСОТО
Во длабок сад се мешаат брашното, нишестето, пецивото и водата – до изедначување на смесата. Добиената смеса треба да биде за нијанса погуста од смеса за палачинки.
Пилешкото месо се сецка на коцки и се додава во смесата од брашно.
Месото се пржи во загреано масло на висока температура. Испржените коцки месо се ставаат во чинија обложена со кујнска хартија.

СОСТОЈКИ ЗА СОСОТ
2 големи лажици пченкарно нишесте
½ шолја вода
1 шолја шеќер
½ шолја кечап
1 конзерва ананас (227 гр. со течност, т.е. 136 гр. нето)
1 главица кромид
200 грама пиперки (по можност во различни бои)

ПОДГОТОВКА НА СОСОТ
Во тавче налејте го сокот од конзервата со ананас и додајте ги шеќерот и кечапот. Ставете го тавчето на средна температура и оставете ги состојките да се соединат (2-3 минути).

Во мал сад измешајте ги водата и нишестето. Откако ќе се раствори нишестето, додајте го во тавчето со сокот од ананас. Измешајте и откако ќе се згусни, тргнете го слатко-киселиот сос настрана.

Се сецкаат кромидот, пиперките и ананасот. Се запржува кромидот, па се додаваат сецканите пиперка, а по 5 минути и ананасот. Се пржи сè заедно уште 5-6 минути.

Се додава слатко-киселиот сос, а по 5 минути и пилешкото месо. Се остава да прокрчка.
Пилешкото во слатко-кисел сос можете да го послужите врз басмати ориз (300 грама). При подготовката на оризот, соодносот вода-ориз треба да биде 2:1. Оризот е готов кога водата целосно ќе испари.

Мени