Блендирањето на храната не е толку здраво

Дали поради помодарство или пак поради постојаната трка по здрав начин на живот, кои често може да ги одведе луѓето во погрешна насока, многумина повеќе не јадат од чинија, туку консумираат храна од чаша, затоа што класичните оброци ги замениле со блендирани. Уверени се дека на тој начин добиваат повеќе хранливи состојки од намирниците, а со самото тоа и поздрав оброк. Дали е баш така?Докторката Ивана Шарац, научник во областа на исхраната на Институтот за медицински истражувања во Белград, во интервју за српскиот весник „Новости“ објаснува кои се предностите и мааните на блендираната храна и на течните оброци:
-Блендирањето на храната, како и цедењето на намирниците, ги разорува клеточните ѕидови и ослободува хранливи материи од различни соединенија, со што ги прави подостапни за искористување, односно варење и ресорпција. Течната, односно блендираната храна, побрзо поминува низ дигестивниот тракт, подостапна им е на ензимите, има подобар контакт со цревниот епител, па и нивната ресорпција е побрза и поефикасна.
Дали таа брзина е секогаш добра и пожелна?
Не е, затоа што може да предизвика нагол скок на шеќер и инсулин во крвта. Исто така, студиите покажуваат дека течниот оброк доведува и до послабо чувство на ситост, како и до поголем енергетски внес во следниот оброк. Заради тоа течната храна е оправдана секогаш кога е потребна брза и ефикасна ресорпција. Значи, кај потхранети лица или после напорна физичка активност, но кај дијабетичарите и оние со вишок килограми, би требало да се биде внимателен.
Што се случува во стомакот кога ќе изедеме, односно, испиеме течен оброк?
Течната храна побрзо минува низ дигестивниот тракт, и заради тоа, ако се внесе во поголема количина, може да доведе до пореметување на варењето и појава на тегоби. Кога обилниот течен оброк ќе стигне со стомакот, дигестивниот систме не може наеднаш да се избори со толкава количина хранливи материи, и заради тоа овој оброк неадекватно се вари. Тоа може да предизвика надуеност, пад на притисиокот, чувство на поспаност, враќање на храна од желудникот во хранопроводот, ослободување на гасовите и појава на грчеви. Не реагираат сите лица подеднакво на тоа, некои се почувствителни.Заради што е значаен процесот на џвакање?
Со џвакањето се ситни храната, слично на блендирањето, но во многу помала мера. Истражувањата потврдиле дека многу процеси во дигестивниот тракт ае активираат само кога џвакаме. Уште во текот на џвакањето почнуваат да се лачат дигестивни сокови од желудникот и панкреасот, дури и пред да стаса храната во нив.
Самиот процес на џвакање придонесува и за чувството на ситост. Со џвакањето се стимулира и лачењето на плунка, која не само што го започнува и олеснува варењето на храната, туку и ја штити усната празнина и забите од микроорганизмите. Исто така, со механички притисок се чистат забите и се засилува потпорниот апарат на забите, такашто се спречуваат кариесот, парадонтопатијата и паѓањето на забите. Кај децата, џвакањето доведува до правилно формирање на вилици и развој на заби, но и за побрз развој на говорот.

Дали намирниците ги губат хранливите елементи кога премногу ќе се иситнат, односно ќе се исцедат или изблендираат?
Постои битна разлика помеѓу цедење и блендирање. При цедењето се отфрла дел од намирницата кој е нутритивно богат, што е лошо. Затоа треба да му се даде предност на блендирањето во однос на цедењето, затоа што тука не се отфрлаат хранливите материи. Меѓутоа, и кај блендирањето и кај цедењето се губат нутриенти како последица од разградувањето под дејство на кислородот, светлината или ензимите од храната кои се ослободуваат и активираат. На пример, после сечкањето на храната се ослободуваат ензими кои го разложуваат витаминот Ц, кои ги оксидираат полифенолите и каротеноидите, па доведуваат до темнеење на храната и губење на антиоксиданси, или кои го разложуваат пектинот- важно растително влакно кое го зголемува чувството на ситост, го забавува варењето на храната и ја намалува ресорпцијата на шеќери, масти и холестерол, па така спречуваат појава на дебелина, дијабетес и зголемени маснотии во крвта.
Како може да се намали уништувањето на хранливите материи после блендирањето?
После блендирањето, најмногу штета предизвикува стоењето, затоа што се продолжува времете за разложување под дејство на воздухот, светлината или ензимите. Затоа е најважно блендираниот оброк да се консумира што побрзо и да не стои. Доколку веќе мора да стои, важно е да се чува во фрижидер, затоа што се забавуваат сите реакции на разложување, во затворен темен сад, значи заштитен од дејството на светлината и кислородот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Мени